Мишел Паџел
родена во Вердау, ГДР (денес Германија) во 1985 година; живее во Виена

Отпор, 2023
тули, бетон
176 × 30 × 40 см
ЕВН аквизиција 2023
Инв. бр. 0457
Уметноста е она што е на пиедесталот - тоа е уште една животна лекција. Ова би можеле да бидат самите уметници, како Гилберт и Џорџ кои танцуваат на масичка за кафе како „Скулптурата што пее“. Или, пак, сè се врти и пиедесталот е уметноста, како во делото на Константин Бранкуши, за кого двете значат една иста работа, замаглувајќи ги границите помеѓу уметноста и секојдневниот живот. Од друга страна, 350-те глинени фигури на швајцарските уметници Фишли/Вајс може да бидат подредени на сите можни начини за да имаат „Plötzlich diese Übersicht“ [одеднаш ваква прегледност]. Уметницата од Виена, Мишел Паџел, е родена во 1985 година во ГДР, кога луѓето во таа земја сè уште се бореле со „реалниот постоечки социјализам“. Одгласите на работничко-селанска држава од нејзиното детство, промената на системот во нејзината младост и времето минато на студиите во поотворените, иако капиталистички, терени на Милано и Виена резонираат во скулптури кои го комбинираат навидум некомпатибилното и нескладното за да создадат коси, контрадикторни слики. Под насловот „На седмо небо“ (гер. - Himmel voller Geigen), јамка од бесилка виси од балон. Начинот на творење на Паџел го избегнува омиленото месење и моделирање на мек материјал; наместо тоа, таа ужива во сечење тули, мелење и кршење, лепење и превиткување на парчињата во едно, сечење, боење и глазирање, нанесување мозаични декорации и, каде што е потребно, неколку светки. Таа ги протресува материјалите од физичкиот свет - метал, керамика, тули, цемент, и ги меша со неколку исушени јуки. Кога сето тоа повторно е составено, резултатот е: папагал - машина за пишување - училишна клупа, мршојадец - Баухаус - држач за чадор, барско столче - ракчиња - шише пиво. Таа копа длабоко во сандакот на модернизмот: таму ја чекаат редимејд и надреалистички „objets trouvées“ (пронајдени предмети). Прилично безвредни работи, како што се маса со плочки од ГДР, количка за пазарење во супермаркет, рачка од врата, женска чанта - она што целното нуркање во продавниците за половни предмети на овој свет го изнесува на виделина или општествените остатоци од профитери, но и од губитници. Репертоар кој е моќен и субверзивен, сликовит и неверојатно смешен. Бескомпромисен, анархистички, „кул“. Авангарден, што друго?
Дури и за кралицата на пиедесталот, Мишел Паџел, сè е отворено. Нејзините масни, леани бетонски каријатиди претставуваат потпора на знаци и симболи на културата и цивилизацијата - моменти од светската историја, како и алегории на лесни духови и тешки тела. Тие балансираат помеѓу значајното и тривијалното, без разлика. Тоа може да биде „кул“ маскотата „ Духот на екстазата“ на хаубата на Ролс-Ројс или крената, стисната тупаница, мотивот на скулптурата „Отпор“ (ориг. – Widerstand) од колекцијата на „ЕВН“. Овој гест на солидарност, сила и протест штрчи од бруталистички бетонски столб и решително комбинира политички симболизам со дрвена палка каква што носи Дамата со трупец во серијата „Твин Пикс“.читај повеќе
Текст: Брижит Хак, 2023 година
Превод: Вирџина Деленбо