Кристијан Козмас Мајер

роден во 1976 година во Зигмаринген, Германија; живее во Виена, Австрија

Скаменета (коњска глава), 2015

кадифе, варовник

35 × 35 × 25 см

ЕВН аквизиција 2019

Инв. бр. 0408

Во близина на северниот англиски град Нарсборо, се наоѓа скаменувачки бунар: извор што скаменува и органски и неоргански предмети.

Секој ден, 3.200 литри вода што содржи вар и натриум сулфат во исклучително високи концентрации течат над карпа во облик на џиновска глава. Во оваа туристичка атракција, уметникот Кристијан Козмас Мајер закачил глава на кадифен коњ, која, по една година влијание на паѓачката вода, ја добила својата сегашна „фосилизирана“ форма.

читај повеќе

За целите на интервенцијата „Музи и мазги“ (ориг. - Musis et Mulis) од 2013 година во церемонијалните штали на принцот Еуген во палатата Белведере, Мајер поставил фосилизирана глава на коњ и видео за околностите на нејзиното создавање, заедно со густа презентација на средновековни сакрални слики и скаменети стебла од дрвја за изложбата на музејот „ Господарот на замокот Лихтенштајн и неговото време“. Нешто подоцна, тој го реконструирал форматот на европски бунар со вода што капе или скаменува со плишани животни и пештерски елементи во Музејот на современа уметност во Виена. Плишаните животни претходно биле поставени во „Жарден де Фонтен Петрифијант“ во Ла Сон, Франција; како што водата испарувала, постепено ги покривала плишените животни со слој камен. Во Музејот на современа уметност Фондација Лудвиг во Виена, фосилите биле јасно препознатливи визуелно, но посетителите на музејот биле збунети од приказните за сопругата на Лот, рударот од Фалун, и егзистенцијалната археологија на Помпеја. Предметите станале форми на сеќавање, временски капсули, како историски поинтересната Златна плоча на Војаџер или предметите за еднократна употреба во картонските кутии на Енди Ворхол.

Кристијан Козмас Мајер никогаш не се интересирал за тривијалности како што е прикажувањето на реалноста. Ниту, пак, е заинтересиран за измислување нови нешта. Како набљудувачите на птици, кои се разликуваат од орнитолозите по одреден методолошки слободен стил, Мајер е повеќе заинтересиран за (историските) феномени и диспозитиви отколку за универзалните закони. Тој често го насочува својот телескоп кон минатото и зумира на настани, епизоди и појави што оставиле траги во ткивото на општеството. Најубавите резултати од ископувачката работа на аналитичарот ориентиран кон детали лежат во дисекцијата на еден точно одреден пресек. Како виртуоз на повеќекратни експозиции, тој ги составува резултатите од своето истражување во системи на пронајдени, доживеани и заборавени слики. Чекор по чекор, според план, тој открива алтернативни концепти за реалноста, ги преуредува и пишува ново, неочекувано сценарио за реалноста. Испреплетува различни (секојдневни) културни, политички и социјални контексти во привлечни и визуелно интензивни таблоа што ги трасираат врските во содржината и им даваат видливост на модалитетите на перцепција.

Неговиот уметнички процес е монтажа на поединечни делови кои заедно создаваат густа целина. Оваа целина може повторно да се разложи на нејзините поединечни делови и да се преуреди; преку систем од шарки и лабави врски, му овозможува на гледачот да ги следи поединечните наративни нишки.

Текст: Брижит Хак, 2020
Превод: Вирџинија Деленбау

назад